Пижами, кафе и нови авантури: Што навистина значи да работиш на далечина

Кога првпат почнав да работам од дома пред само неколку месеци, се чувствував како да сум влегла во некој одамна посакуван сон: шолја топло кафе, пижами цел ден, никој не ме прекинува – само јас и мојот сопствен ритам.

Мислев дека конечно го најдов совршениот баланс. Но, како што велат, не е сè така како што изгледа на Instagram... или пак на сликава тука 👇




По неколку месеци работа од дома (и по неколку разговори сама со себе), сфатив дека работењето на далечина носи со себе многу убави моменти, но и свои предизвици.


Предности што ги засакав

1. Мое време – мој ритам

Најубавото чувство? Да го започнам денот кога мене ми одговара. Работењето на далечина ми ја даде слободата сама да си го кројам денот, да работам кога сум најкреативна и да си дозволам пауза тогаш кога навистина ми треба.

2. Фокус каков што никогаш претходно не сум имала

Без канцелариски метеж, без постојани дофрлувања и ненадејни состаноци, научив што значи вистински да се фокусирам. Во тишината на сопствениот простор, мојата креативност почна вистински да цвета.

3. Баланс меѓу работата и приватниот живот

Работењето на далечина ми подари нешто што одамна ми недостасуваше – време за најблиските и за себе. И конечно, го направив чекорот што долго го одложував: се запишав на академија за графички дизајн. Покрај работата, секојдневно се трудам да ја потхранувам и негувам и приватно мојата креативна страна.

4. Пари за спомени, а не за навики

Кога повеќе не трошиш на секојдневни оброци надвор или нова облека за во канцеларија, забележуваш колку можеш вистински да заштедиш. И најубавото од сè – тие заштедени средства ги претворам во патувања со пријателките, полни со смеа, нови приказни и спомени што остануваат засекогаш.




Слабости што научив да ги менаџирам

1. Чувство на изолација

На почетокот, тишината ми беше најдобар сојузник. Но, со време, почна да ми недостигаат луѓето, спонтаните разговори и малите канцелариски шеги. Решението го најдов во The Hub by Adeva – co-working простор кој ми стана втор дом. Таму одам неколку пати неделно и секогаш се враќам полна со инспирација и нови пријателства.

2. Работен ден ко буре без дно

Кога канцеларијата ти се наоѓа дома, лесно е да ги избришеш границите меѓу приватното и професионалното. „Само уште ова“ лесно прераснува во уште неколку часа работа. Но, научив дека продуктивноста не значи да работиш цел ден, туку да знаеш кога е време да се исклучиш и да се посветиш на себе.

3. Денови без мотивација и жар за креативност

Има денови кога инспирацијата никако не доаѓа. Но научив дека мотивацијата и креативноста се градат со исполнување на ситни задачи, со музика што ме размрдува, со мали награди по добро завршен ден.

4. Кога Wi-Fi сигналот те изневерува во најлош можен момент

Да, понекогаш работењето на далечина изгледа како сцена од sitcom: замрзната слика, прекината комуникација, обиди да останеш сериозна додека интернетот решава да те саботира. Но со малку трпение, добра организација и план Б – сè може да се надмине.




Работењето на далечина не е само стил, туку начин на живот

Работењето на далечина ме научи дека најголемиот успех не се мери само со постигнатите резултати, туку со чувството на исполнетост додека чекориш кон нив. Научив да бидам поприсутна, послободна и посвесна.

Искрено, не би ја сменила оваа форма на работа за ништо на светот!

Работењето на далечина ми даде слобода да го кројам својот ден, да ги следам своите соништа и да бидам вистински своја – и професионално, и лично.

Верувам дека кога работиш од место каде што се чувствуваш најмногу свој, тогаш и резултатите и среќата, доаѓаат природно.

Искрено ваша,

Лори ✍️✨️

0 comments