• Home
  • About
  • Privacy Policy
  • Disclaimer
  • Contact
Enter your keywords
The Lori Diaries

...by the girl who's creating her own future.

December 21, 2021

“Емили во Париз„ се враќа на Нетфликс со нова сезона!

Штотуку ја завршив втората сезона од мега популарната серија на Нетфликс - “Емили во Париз„ па решив да споделам со вас што мислам за неа.





Во првата сезона на "Емили во Париз" гледавме како Емили се приспособува на францускиот начин на живот во Париз, од говорењето многу слаб француски, па се до помирувањето со необичниот пристап на работа во луксузната маркетинг агенција Савоар. 

Последните сцени од сезоната ни прикажаа како Емили конечно завршува со младиот и успешен chef  Габриел, откако тој и кажува на Емили дека раскинал со својата девојка Камил и дека заминува назад во Нормандија каде планира да го оствари својот сон и да отвори свој ресторан.

Но, во меѓувреме Емили веќе разви мала романса настрана и со Матју Кадо, наследникот на луксузниот бренд Пијер Кадо, кој ја поканува Емили на романтичен викенд во Сан Тропе.





Втората сезона малку ја забрзува приказната, но не ја променува премногу.

Се уште можеме да видиме разни нијанси на трапавоста на Емили во однос на последиците од нејзините постапки, посебно во однос на нејзиното жалење за ноќта помината со Габриел.

Таа е решена да ги поправи работите помеѓу неговата, сега веќе поранешна девојка и добра пријателка на Емили - Камил. Оваа мисија уште од првата епизода има неколку дупки во планот, но сепак Емили прави се за овој нејзин план да успее.





Додека во првата сезона имавме прилика да го гледаме во прв ред турбулентниот работен однос помеѓу Силви и Емили, втората сезона ни прикажува дека овие две жени имаат многу повеќе разбирање една за друга. 

Додека цинизмот на Силви ја мотивира Емили да работи понапорно од било кога, емпатијата и љубезноста пак на Емили ја тераат Силви да стане малку поотворена. Оваа синергија која се раѓа меѓу двете бизнис жени е право задоволство да се гледа и е нешто во кое може да се пронајде секој кој има/л колега со кој не стои на иста бранова должина.

Сепак, едно од најголемите задоволства да се гледа во оваа сезона е како Емили конечно се препушта на учењето на францускиот јазик и почнува многу посериозно да ги сфаќа приватните часови по француски јазик на кои присуствува секој ден по завршување со работните обврски во агенцијата.





Секако, за да биде се уште поинтересно, таа дури и стекнува пријател на часовите по француски јазик, а тоа е британскиот банкар Алфи, со кој по неколку епизоди пријателство испишува уште една љубовна романса и продолжува да се држи до својот план да биде подалеку од Габриел.

Секогаш директниот Алфи го оспорува нереалниот романтизам на Емили за Градот на светлината и зборува за тоа како репутацијата на Париз е права фасада, чад и огледала што продаваат нешто на луѓето што не е реално.

Морам да признаам дека ликот на Алфи многу ми се допадна и беше совршен додаток во оваа сезона кој ја разниша Емили и ја натера да биде поопуштена и спонтана, а не само фокусирана на својата работа.

Во оваа сезона како и во првата работите ретко остануваат мирни и стабилни кога станува збор за нашата хероина.





Фактот што брендот за шампањ на семејството на Камил, "Шампер", сега веќе соработува со Савоар прави приватните неволји на Емили да се прелеат и во нејзиниот работен живот, предизвикувајќи уште поголем хаос и на двете полиња.

Омилена ми беше изјавата што Силви и ја упатува на Емили уште во првата епизода: „О Емили, од ден на ден стануваш се поголема Французинка!„ - со која се исмева на целиот хаос кој постојано ја следи Емили.





Сакам накратко да се посветам на ликовите на Габриел, Камил и Минди.

Ако бевте фан на Габриел во првата сезона, втората сезона може да ве предомисли. 

Неговата незаинтересираност и непромисленост за тоа колку ја повредил Камил крајно многу ме иритира. Секако, тој е зафатен со зацврстување на неговото бизнис партнерство со Антоан Лаво и отворањето на неговиот ресторан "Ше Лаво" во Париз, но сигурна сум дека никој не може да биде толку крут и невнимателен.

Разочарувачки, ликот на Камил се сведува на уште една девојка со скршено срце која пати по нејзиниот поранешен дечко. Таа штом ја дознае вистината за Емили и Габриел се претвора во одмаздољубива личност која глуми дека се е во ред и е непроменето.





Серијата конечно овозможува ликот на Минди да засјае во оваа втора сезона. Минди се бори да добие работна виза во Париз додека изнаоѓа разни начини да заработи пари само со нејзината патничка виза и без моралната и финансиска поддршка на нејзиното семејство. Таа успева да го пронајде својот глас и љубов, а нејзината приказна е една од моите омилени во новата сезона.





Како огромно изненадување во оваа сезона е појавувањето на ликот на Мадлин, големата шефица од Чикаго која остана бремена уште во првата сезона и на нејзино место ја испрати Емили да отпатува и биде претставник на Гилберт групацијата во Париз. 

Таа ненајавено доаѓа да го провери прогресот на Савоар под водството на Силви. Ова е ситуација која ја става Емили во средина на една многу непријатна борба за моќ меѓу Мадлин и Силви. Оваа борба за превласт го доживува својот пик многу брзо и Емили е ставена пред свршен чин да направи избор кој ќе и го промени животот засекогаш.

Што Емили ќе одлучи останува да откриеме во третата сезона, доколку Нетфликс одобри истата да се снима во текот на идната година.





На многумина оваа сезона не им се допадна многу, но секако како и секогаш не дозволувам туѓите впечатоци да ми повлијаат во формирањето на мое мислење.

Мене оваа сезона многу ми се допадна. Како и во првата сезона, така и во оваа се изнагледав суптилен, но многу добар хумор, француски цинизам и целокупен животен стил на французите.



Па што повеќе треба да очекуваме од една ваква серија која е инспирирана од се она што претставува Париз и францускиот начин на живот?







Read more
on December 21, 2021 0
Share this!
labels
TV Series
Newer Posts Newer Posts
Older Posts Older Posts

December 09, 2021

Не е „Сексот и градот“ без Саманта

Ве молам доколку се уште не сте ги погледнале првите 2 премиерни епизоди од новиот reboot на добро познатата серија „Сексот и градот“ да не читате понатаму бидејќи ќе следат спојлери.


Ви благодарам 😊





Саманта - жената која беше најгласен борец, не смееше и изјавуваше мудри мисли како што е: „Бракот не гарантира среќен крај, туку само еден крај“, ми недостасува премногу!

Таа ми беше и до ден денес ми е омилениот лик од серијалот, затоа што беше целосно, автентично, своја.

Заминувањето на актерката Ким Катрал од серијата беше како едно замрсено клопче.





Искрено, очекував воопшто да не го спомнат ликот на Саманта, но бев пријатно изненадена што сепак на некој начин, барем во серијата го објаснија нејзиното заминување.

Секако слушајќи ги изјавите кажани за Саманта ме натераа да се подзамислам дали нешто што ликовите на Кери, Миранда и Шарлот го кажуваат во првите 2 епизоди е дел од оној "Живот имитира уметност" момент. 

Кери признава дека ја отпуштила Саманта како нејзин агент, откако пазарот на книги попуштил. Саманта лично го сфатила пропаѓањето на бизнисот, се одселила во Лондон и ги заледила комплетно односите со нејзините три пријателки. 

Во еден момент Кери и вели на Миранда: „Мислев дека ме гледа како повеќе од АТМ банкомат“.

Сепак, кога сопругот на Кери, Џон Џејмс Престон (или како милуваат сите во серијата да го викаат Ѕверката) ќе почине, Саманта и испраќа на својата долгогодишна пријателка венец од цвеќиња кои ќе лежи поставен врз ковчегот на Џон за време на целата церемонија. Со венецот дојде и порака од Саманта до Кери со која на некој начин серијалот симболично ни кажува дека двете жени се уште се тука една за друга, посебно во моментите кога им е најтешко.

Без Саманта, серијата очајно се обидува да ја пополни огромната дупка со додавање на нови членови во актерската екипа. 

Колку што можев јас да заклучам, причината за проширувањето на актерската екипа не е само поради заминувањето на Саманта, туку и поради фактот што оригиналната серија како што многу милуваа да кажат била "нереално бела", па така неколку жени во боја добија улога во продолжението.

Јас пак често сакам да ја користам оваа америчка фраза - „Немој да го поправаш она што не е скршено“. 

Истата важи и во случајов. Не разбирам зошто креаторите на серии и филмови во последниве неколку години упорно ни наметнуваат или подобро кажано форсираат да голтаме разни нијанси на диверзитет и инклузивност? 

Како да чувствуваат некоја постојана грижа на совест, па мораат да вклучат актерски екипи од секаков калибар во своите серии и филмови, без разлика дали ги бива или не, само за да пробаат да ја закрпат дупката од фактот што белата раса со децении наназад негувала ужасен третман кон останатите раси. 

Секако, во ред е да има различности, на крајот на денот, тие и не прават посебни и уникатни, но сметам дека треба режисерите, односно креаторите на вакви серии и филмови да научат дека децениски погрешни постапки и третмани не можат да се надокнадат преку ноќ.

Се треба да се движи постепено, со време, да еволуира, да расте и да се менува.

Во завршниот дел, би сакала да се навратам на нешто што го начнав малку погоре, а тоа е смртта на Ѕверката.



Морам да признаам без никаков срам дека плачев. Плачев толку силно и одеднаш за најлошиот дечко на ТВ екраните.



Некако ми делува како серијата повеќе да се грижи и да обрнува внимание на губењето на естетиката на она што Кери и Ѕверката претставуваа како пар, отколку за губењето на еден од клучните ликови како што е Ѕверката, како човеково битие.





Кога Џон умира, Кери трча кон него под тушот, каде тој седи потпрен на ѕидот од туш кабината, држејќи ја едната рака на срцето, камерата зумира на сините Маноло Бланик стилето чевли на Кери кои пополека се дават и уништуваат во водата. Тоа беа оние истите стилето чевли кои Кери ги носеше за време на нивната венчавка во првиот филм. 

Ова беше една од глупавите метафори кои го симболизираа крајот на еден токсичниот брак. Но, сепак, не останав имуна и заплакав силно за крајот на една љубовна ера.

Со ова во овој нов reboot се овозможува Кери да не чувствува потреба дека треба да ја игра улогата на некоја: „среќни до крајот на животот фантазија“ - како во "Сексот и градот 2", туку може да биде едноставно - Кери.

Проблематична, непромислена и плитка Кери...





Read more
on December 09, 2021 0
Share this!
labels
TV Series
Newer Posts Newer Posts
Older Posts Older Posts

December 06, 2021

Неколку животни лекции кои ги научив од "The Holiday"

Се сеќавам како да беше вчера... далечната 2007 година, беше едно жешко лето, а јас и мајка ми бевме седнати во ресторанот Џино на кафе. Наспроти нас на истата маса седеше за мене дотогаш сеуште непознатата професорка по англиски јазик во чие училиште завршив англиски јазик на крајот, но повеќе за тоа некој следен пат.





Ајде прво да почнам од почетокот. Имав начуено од мојата мајка дека во Скопје постои училиште за англиски јазик каде професорката секоја година (по желба на учениците кои се спремни и сакаат да одат) води група од ученици на летна школа во Англија, со престој од месец дена, поделени помеѓу Лондон и Бристол.

Јас како огромен вљубеник во англискиот јазик и пишаниот збор, вечно опседната со англиските класици пишани од Томас Харди, Џејн Остин и Бронте сестрите, од кога слушнав за оваа летна школа за учење јазик буквално пробав се за да изнајдам начин како да бидам и јас дел од ова, без притоа да имам посетувано часови во училиштето, што секако беше најголемата пречка тука.

Бев крајно млада, со само 12 години, буквално едно наивно и изгубено девојче кое тогаш, а можеби и ден денес се уште мечтае за оној англиски начин на живеење како на филмовите. Ова беше всушност главниот двигател да се одлучам на толку рана возраст да отпатувам некаде сама, за првпат по воздушен пат, без моите родители, во придружба на луѓе страни за мене.

И да скратам! Планот ми беше успешен секако. Отпатував за Лондон Хитроу во Јули 2007 година, и остатокот е историја.

Доаѓам конечно до суштината на овој пост каде ќе сфатите зошто беше потребно да ви го раскажам воведниот дел.

Пред да отпатувам за Англија, професорката ме замоли да погледнам неколку филмови како припрема за патувањето. Меѓу многуте предложени ми беше и тогаш ново излезениот филм по име "The Holiday" или нашки кажано "Одморот" каде ми посочи специфично да обрнам внимание на тогаш актуелниот англиски тренд swapping houses или house exchange (размена на домови) со непознати луѓе.





Филм кој од тој ден па наваму го обележува секој мој предбожиќен период.

Замислете во моментов како што пишувам во позадина оди на ТВ филмот! Која коинциденција така?

Гледајќи го ми дојде спонтана идеја за што да ви пишувам денеска. 

Сакам со вас да споделам неколку лекции на кои овој безвременски филм ме подучи низ годините...



Научи кога треба да се збогуваш со минатото



Ајрис со години е вљубена во истиот маж. Невозвратена љубов, како што милува таа да каже. Човекот е нејзин шеф, а по објавувањето на свршувачката со една од нејзините колешки, Ајрис сè уште не може да се откаже од него. Јасно е дека тој продолжил понатаму, но таа едноставно не може. Џаспер ја навлекува со години, потсетувајќи ја на интимни спомени од времето кога биле заедно, давајќи и нејасни, но надежни сигнали. Конечно, Ајрис сфаќа дека таа секогаш ќе биде во заден план во неговите очи и ја презема контролата врз својот живот. Можеби тоа е најважната лекција, овој празничен период може да не потсети сите нас дека збогувањето со минатото е апсолутно во ред.



Понекогаш единствената личност која треба да научите да ја сакате сте вие

Иако двете главни девојки во филмот завршуваат на крај со партнери, сепак многу е важно да се напомене дека овој филм ни покажува и не учи дека и љубовта, или поконкретно сакањето на самите себе е исто толку важно.



Ако не можете да пуштите солза за поранешното момче, тој не бил вреден вашето време

Аманда Вудс не пуштила ни солза од кога нејзините родители се разделиле кога таа била само мало девојче. Кога дознава дека нејзиното момче ја изневерува, таа го исфрла надвор и се обидува да се соочи со нејзините фрустрации. Но, по неколку обиди да ја исплаче разделбата со момчето, солзите едноставно не и доаѓаат. Сигурен знак дека момчето не бил вреден за нејзиното време.



Треба да научиш да бидеш главната улога во твојата животна приказна




Додека Ајрис е на одмор во Америка, таа се спријателува со еден сладок старец по име Артур Абот, кој е поранешен холивудски писател. Кога со него ја споделуваше приказната за човекот кој и го скрши срцето дома, Артур и го понуди овој едноставен совет:

„Ајрис, во филмовите ја имаме дамата во главна улога и ја имаме нејзината најдобра пријателка. Ти, можам да кажам дека си дамата во главната улога, но поради некоја причина се однесуваш како да си најдобрата пријателка“.


🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄🎄


„The Holiday“ е филмот кој ве прави да се чувствувате толку добро од кога ќе го изгледате, поради начинот на кој се претставени љубовта, пријателството и семејството, нешта кои ми создаваат навика секоја година да му се навратам. 

За крај ве оставам со мојот омилен цитат (од ликот Артур Абот) кој нема ни да се трудам да го преведувам, бидејќи оригиналот сам по себе е уникатен и посебен и не му е достоен никаков превод:


Say a man and a woman both need something to sleep in and both go to the same men's pajama department. The man says to the salesman, "I just need bottoms", and the woman says, "I just need a top". They look at each other and that's the "meet cute".

Read more
on December 06, 2021 0
Share this!
labels
Films
Newer Posts Newer Posts
Older Posts Older Posts

December 05, 2021

Топ 4 Божиќни филмови на Нетфликс кои вреди да ги погледнете

 Иако празничните класици како „It's a Wonderful Life“ и „A Christmas Story“ се задолжителни филмови без кои не може да помине овој празничен период од годината, не треба да застанете со божиќната забава тука. 

Нетфликс како и секоја така и оваа година има сè што ви треба за да направите еден божиќен филмски маратон. Ви предлагам да си направите едно убаво топло какао, да ги исклучите сите светла, освен новогодишните сијалички и да се препуштите на празничната магија.






Па ајде да видиме кои 4 филмови ви ги издвоив кои треба да ги погледнете за време на оваа празнична сезона...



1. Single All the Way

Ова е божиќен филм за Питар, кој не сака да се соочи и очајно го избегнува неговото семејство кога станува збор за неговиот вечен сингл статус.

Тој се обидува да го убеди својот најдобар пријател и цимер Ник да дојде со него и да ги поминат заедно празниците со неговото семејство, преправајќи се дека тие двајца се пар. Но, кога мајката на Питер, Керол го мести својот син на состанок на слепо со нејзиниот згоден тренер Џејмс, планот на Питер оди наопаку.

„Single All The Way“ е романтична божиќна комедија во режија на Мајкл Мајер, која идната година ќе добие и свое продолжение.

Доколку сте љубопитни да дознаете што се ќе му се случува на Питар претплатете се на Нетфликс и дознајте!












2. A Castle for Christmas

Американската авторка на најпродаваниот серијал книги "Ема Гејл", Софи Браун, решава да го заврши серијалот со тоа што го убива главниот машки лик во последната книга од серијалот. Смртта на фиктивниот лик во книгата по име Винстон, ги вознемирува обожавателите на серијалот и Софи се соочува со бес од нејзините обожаватели по објавувањето на книгата. Менаџерот на Софи, Клер, ја убедува да напише уште една книга за да го надминат овој скандал.

По ужасното ТВ интервју во шоуто на Дру Беримор каде Софи проба да ја промовира новата книга, таа прави пауза и се решава отпатува од САД и да ја посети Шкотска затоа што нејзиниот покоен татко, Калум Мекгинти, ѝ раскажувал приказни за замокот Дан Данбар кога Софи била мала. За време на посетата на замокот Данбар таа се запознава со Војводата од Данбар и од таму почнуваат да и се случуваат секакви сплетки.

Ова е филм кој навистина заслужува да му се посвети посебно внимание!











3. Love Hard

Натали е девојка од Лос Анџелес која направила кариера пишувајќи за нејзиниот ужасен љубовен живот. По низа разочарувања, една нејзина пријателка ја убедува да го прошири радиусот на пребарување на нејзината dating апликација. Ова успева и таа почнува интензивно да се препишува и слуша со еден дечко. По особено долг разговор, дечкото инсинуира дека би сакал Натали да ја види во неговиот град за Божиќ. Натали се решава да го изненади и да отпатува за Божиќ да го види својот онлајн дечко Џош, но штом пристигне во неговиот дом сфаќа дека е измамена и дека тој не личи ни приближно на дечкото од онлајн профилот.

Што се ќе и се случува понатаму на Натали ве оставам да дознаете сами 😉











4. The Princess Switch 3: Romancing the Star

Заокружувајќи ја трилогијата, The Princess Switch 3 ја следи Ванеса Хаџенс понатаму во нејзините кралски авантури во Монтенаро. Овој пат, романтичната драма додава заплет поврзан со голем грабеж. Кога Ѕвездата на мирот исчезнува, кралицата Маргарет и Стејси бараат помош од „непристојната“ братучетка на кралицата, Фиона, чија улога секако ја толкува самата Хаџенс.

Фиона го повикува на помош својот долгогодишен пријател Питер Максвел кој е искусен крадец и заедно прават план како да ја украдат Ѕвездата на мирот назад.

Од сите The Princess Switch делови, овој е мојот омилен. Ванеса е толку смешна во улогата на Фиона, што навистина вреди да се погледне овој филм.










Read more
on December 05, 2021 0
Share this!
labels
Films
Newer Posts Newer Posts
Older Posts Older Posts

November 27, 2021

Што мислам за "Спенсер"?

Речиси целосно прикажано од гледна точка на Дајана, „Спенсер“ ја користи својата слобода за да навлезе во матната психологија на вознемирената принцеза. 

Ова претставува уште еден филм за една позната жена фатена во запчаниците на машина под висок притисок.

Филмот започнува со серија спектакуларни кадри од имотот Сандрингам придружени од какофонија на искривени мелодии од композиторот Џони Гринвуд.





Гледаме како на Бадник пристигнува конвој од воени камиони натоварени со сандаци за оружје. Војниците маршираат со сандаците до кујната каде што ги пречекува главниот готвач Дарен Мекгрејди. Но, на наше големо изненадување во секој од сандаците нема автоматски пушки или експлозиви, наместо тоа, тие се полни со извонредни јадења како леден јастог, свеж зеленчук и егзотично овошје. Додека војниците излегуваат, бригадата на готвачи на Мекгрејди влегува и се припрема да започне со подготовките.

Кратка сцена подоцна, сите кралски членови пристигнаа со еден исклучок. Дајана патува по селскиот пат во нејзиниот црн Порше кабриолет, залутана во област што треба добро да ја познава. Тоа е местото каде што пораснала како дете, само неколку минути подалеку од имотот Сандрингам. Таа решава да застане, излегува од својот кабриолет и влегува во мало кафуле кое се наоѓа покрај патот и лежерно ги прашува вчудоневидените лица кои седат внатре: „Каде сум јас?





Моментот кога Дајана конечно пристигнува на имотот Сандригам, добиваме појасна слика за тоа што ќе се случува во филмот. Камерата постојано ја демне расеаната Лејди Дај додека таа шета низ долгите ходници и влегува од соба во соба, секоја облеана во неверојатен Божиќен раскош. Дајана постојано го избегнува Кралското семејство додека престојува на имотот и ги одвраќа слугите кои доаѓаат да и соопштат дека се бара нејзиното присуство.

Кога сме веќе кај Кралското семејство, во филмот Чарлс е претставен како неприкосновен лудник, додека кралицата Елизабета е претставена како лик кој што зборува многу со поглед, а изустува само неколку зборови во цел филм. Ниту на двета лика не им е дадено многу време и простор за развој, но тоа е дел од дизајнот. „Спенсер“ не е нивна приказна, туку на Дајана, и филмот го посочува горделивото изолирано постоење на семејството Виндзор во секоја можност. Само во моментите со нејзините синови Вилијам и Хари ја гледаме Дајана среќна и насмеана, не како принцеза, туку како мајка.



Додека го гледав „Спенсер“ имав чувство како ништо навистина да не се случува. Но, со текот на времето работите ми стануваа појасни. 



Целта е да се наслика живописна слика за жена која е турната до работ на амбисот од угнетувачката аристократска машина. 

Непријатните сцени кои откриваат депресија, самоповредување и булимија ги истакнуваат длабочините на нејзиниот пад. Но, потоа следува промена кога Дајана почнува да презема контрола врз нејзиниот живот. И како што сугерира насловот, таа ќе треба да погледне во своето минато пред да може да продолжи напред.

Метафорите стануваат премногу очигледни, бисерниот ѓердан, духот на Ана Болејн и најзначајното од се е чудното и неразвиено пријателство помеѓу Дајана и нејзината измислена помошничка. 

Сепак, тешко е да не бидете вовлечени во овој спин на британското кралско семејство кое нема да придобие ниту еден обожавател во Куќата на Виндзор, но треба да ги освои сите преостанати скептици на Кристен Стјуарт, во кои припаѓав и јас. 

Да, потенцирам дека употребив минато време и напишав "припаѓав". Моето мислење е дека ова е улогата на нејзината кариера или како што милуваат да кажат оние од англиското говорно подрачје ова е The Role of her Life за која се шушка дека многу веројатно може да и донесе и Оскар на Стјуарт во новата 2022 година.



За крај, погледнете го трејлерот за филмот "Спенсер":





Read more
on November 27, 2021 0
Share this!
labels
Films
Newer Posts Newer Posts
Older Posts Older Posts
Home
Subscribe to: Posts (Atom)

Welcome

Hello, I am Lori. This is where my thoughts come to breathe. A space for the unfiltered, the curious, the tender and bold. I write what stirs my soul — stories that move me, questions that haunt me, and moments that feel too big to keep quiet. It’s raw, it’s real, and it’s mine. If you’ve landed here, maybe something brought you for a reason. Stay a while, you’re warmly welcome.

Popular post

  • Вида Верде: Веганскиот мини маркет во Скопје што го чекавме! 🌱✨
    Дали некогаш сте посакале место каде што можете да пазарите без да ги вртите пакувањата на сите производи во потрага по несакани состојки? Д...
  • Оскари 2025: Најдобро облечените ѕвезди на црвениот тепих
    Ако има една вечер во годината кога модата зборува погласно од зборовите, тоа дефинитивно е ноќта на Оскарите . Вчерашниот црвен тепих беше ...

Archive

Search

Popular posts

  • Вида Верде: Веганскиот мини маркет во Скопје што го чекавме! 🌱✨
    Дали некогаш сте посакале место каде што можете да пазарите без да ги вртите пакувањата на сите производи во потрага по несакани состојки? Д...
  • Оскари 2025: Најдобро облечените ѕвезди на црвениот тепих
    Ако има една вечер во годината кога модата зборува погласно од зборовите, тоа дефинитивно е ноќта на Оскарите . Вчерашниот црвен тепих беше ...
  • Remote Work Life: Benefits, Challenges & Balance
    When I first started working from home just a few months ago, it felt like stepping into a long-awaited dream: a warm cup of coffee, pajamas...

Tags

adaptability in marketing Album review Beauty Beauty review Books Carrie Bradshaw Celebrity shows Christmas Cinderella remake content marketing Coworking space Cushion foundation review digital marketing journey Digital nomad Disney movies Documentary Drugstore makeup Emotional support Entertainment Fairytales vs reality Fashion Films Food General good digital marketer Independence L’Oréal Nude Magique Cushion Foundation Life lessons Lifestyle blog Lifestyle series critique Lightweight foundation Love and relationships Makeup Marketing marketing skills Meghan Markle Netflix series Meghan Markle review Modern fairytales Modern partnership Motivation Movies Music Music review Natural finish foundation Netflix lifestyle show Netflix review News Personal Podcasts Pop culture Productivity Relationships Remote work Reviews Self-acceptance Self-empowerment SEO blogging Showgirl era Small Business social media marketing Summer foundation Taylor Swift Taylor Swift 2025 Taylor Swift album review Technology The Life of a Showgirl Track by track review Travel TV Series With Love Meghan review Women empowerment Women in design Work-life balance Working from home

ARCHIVE

Powered by Blogger.
Ⓒ 2025 The Lori Diaries. Design created with by: Brand&Blogger. All rights reserved.