• Home
  • About
  • Privacy Policy
  • Disclaimer
  • Contact
Enter your keywords
The Lori Diaries

...by the girl who's creating her own future.

October 17, 2024

Дизни митот: Трчај по принцот, или едноставно дремни си како Аурора?

Ајде да зборуваме за Дизни. Да, магичната земја на принцези, животни кои уста не затвараат од зборење и самовили кои ти ги решаваат сите проблеми со еден замав од волшебното стапче (јас сè уште чекам на мојата, фала многу).

Но, покрај овие прекраснотии и совршено искореографирани танцови движења, Дизни потајно не научи на една лекција: ако сакаш маж, треба „добро да трчаш по него“ - освен ако си Аурора, е тогаш во тој случај, едноставно раскомоти се, дремни си и почекај.






Размислете. Снежана, Пепелашка, Ариел... сите овие принцези работеа прекувремено за да си го најдат принцот и да си го добијат она „среќно до крајот на животот“.

Снежана: Јаболка и што се не

Нашата драга Снежана избега од маќеата што сакаше да ја убие, работеше домаќински задачи за „седум возрасни мажи“ и буквално умре (на кратко) пред да го добие оној фамозен бакнеж. Буквално, девојката изоде по трње за да стигне до целта. Само кога ќе помислам, ми доаѓа желба да си прилегнам.






Ариел: Комплетен ребрендинг

Потоа ја имаме Ариел, која го жртвуваше својот ангелски глас (и, да не заборавиме дека го смени својот целосен идентитет како сирена) само за да има шанса со Ерик. Таа не само што трчаше, девојката се уби од пливање низ океани, правеше сомнителни зделки со морски вештерки и буквално го збриша нејзиното семејство. Сестро, ако мораш да се ребрендираш за да привлечеш некого, тогаш можеби не е вреден за тебе.






Пепелашка: Полноќниот спринтер

И задна, но и најбитна ми е драга Пепелашка. Таа не само што трчаше по принцот, туку спринташе од балот на полноќ, изгуби чевел и пак го освои дотичниот принц. И сето тоа додека чистеше подови и трпеше две полусестри што требаше да се осудат за сите трауми кои и ги предизвикаа во животот.






И тука е...


Аурора: Убавицата која си дремна

Што направи таа? Ништо. Нада. Апсолутно ништо. Спиеше како да нема утре, се разбуди и - бам! - принцот Филип беше тука со бакнеж и ветување за вечна љубов. Девојката буквално спиеше, а љубовта сама си дојде.




 

Не знам за вас, ама ако треба да следам план од некоја Дизни принцеза, од сега па натака дефинитивно ќе бидам како Аурора. Таа го усоврши концептот „пушти го тој да дојде кај тебе“.


Поентата на муабетов

Не велам дека сите треба да влеземе во хибернација додека не се појави некој со бакнеж. Но, можеби Дизни со Аурора нè научи дека понекогаш, најдобриот потег е да престанеме да трчаме по луѓето. Животот не е за трчање по некој што можеби се изгубил во шумата. Понекогаш, треба само да се релаксираш, да си го живееш животот и вистинскиот човек ќе се појави во вистинско време.

Зашто, да бидеме искрени, сите имаме потрошено малку премногу време трчајќи по некој кој, во стил на принцот, најверојатно си е заглавен некаде.

Епа, да бидеме малку повеќе како Аурора. Малку дремни си, фокусирај се на своите соништа, и нека останатото само се среди.

А ако принцот дојде додека си зафатена со својот живот? Па, тоа е само бонус. 😉

На крајот на краиштата, ако една Дизни принцеза може да го добие својот среќен крај додека спие, можеби сите ние можеме малку да забавиме.



Искрено ваша,

Лори 💫
Read more
on October 17, 2024 0
Share this!
labels
Personal
Newer Posts Newer Posts
Older Posts Older Posts

October 16, 2024

Victoria’s Secret се враќа: Гламур, инклузивност и еволуција?

По шестгодишна пауза, Victoria’s Secret модната ревија се врати синоќа во Бруклин, Њујорк, со свеж и модерен пресврт. Гигантот за долна облека, кој некогаш доминираше на модната сцена со своите блескави модни писти и неверојатните ангели, сега одново ја пишува својата приказна, прифаќајќи ја различноста, инклузивноста и славејќи ја женственоста од сите аспекти.






Нов поглед на женската моќ

Victoria’s Secret модната ревија за 2024 година не беше само враќање на гламурот, туку и чекор напред за брендот, ставајќи ги жените во центарот на својата еволуција. Продукцијата прикажа целосно женски музички состав, вклучувајќи моќна воведна изведба од Лиса од популарната K-pop група Blackpink. Заедно со музиката, моделите прикажаа разновиден спектар на покомплексна и, во многу случаи, поудобна долна облека - вклучувајќи хеланки и проѕирни наметки кои повеќе соодветствуваат на модерната жена.






Нова ера на инклузивност

Присуството на мултирасен, мултигенерациски и all-size разновиден состав беше поистакнато од кога било. Од природните фризури до инклузијата на плус-сајз и постари модели, пистата беше освежувачка промена од претходните стандарди за убавина кои беа поставени од брендот. Моделите Џиџи Хадид и Адриана Лима се приклучија на супермоделот Кејт Мос, која на своја 50-годишна возраст буквално издоминира на модната писта, заедно со нејзината ќерка Лајла, додавајќи посебен емотивен момент на пистата.











Ешли Греам, мојот омилен plus-size модел и силен поддржувач на ставот body positivity, исто така го имаше своето деби во црн тантелен корсет, докажувајќи дека Victoria’s Secret е подготвена да ги прифати жените од сите облици и животни етапи. Возбудата на Греам за претставувањето на брендот беше очигледна, бидејќи и самата денес истакна на нејзинот инстаграм дека и покрај тоа што првенствено се двоумела дали да ја прифати поканата да биде дел од VSFS24, сепак увидела дека брендот има направено многу промени во изминативе години за да си го подобри својот имиџ и дека нејзиното учество ѝ дозволило да се чувствува секси и моќно кога стапнала на пистата.

Ѕвездени настапи и незаборавни моменти

Еден од неоспорните моменти на вечерта беше настапот на Шер, која ги освои срцата со изведбите на „Believe“ и „Strong Enough“. Нејзиното присуство на пистата, заедно со музичката моќ на целосно женскиот состав, даде една прејака енергија на самиот настан. Моделите можеби беа облечени во предобра долна облека додека се рашетуваа по пистата, но како што рече еден моден новинар, „моделите можеа и голи да бидат, и никој немаше да забележи“ поради доминацијата на Шер на сцената. Освен live изведувањата на Шер, Тајла и Лиса, тоа што уште повеќе ми го привлече вниманието беше фактот што остатокот од музиката на која одеа моделите по пистата беше строго изведена од жени, дури и познатата песна на Лени Кравиц - „Are you gonna go my way?“, што баш ме воодушеви и си помислив: хаахх буквално целото шоу е поврзано со прославување на женската моќ, храброст и убавина во секој облик.






Work in progress: Преродбата на Victoria’s Secret

Victoria’s Secret беше на силна мета на критики во текот на годините за својот ограничен приказ на убавина и женственост. Неспремноста на брендот да ги прифати различните телесни форми и застарениот маркетинг пристап доведоа до пад на гледаноста и продажбата кон крајот на 2010-тите години. Во 2018 година, гледаноста на годишната ревија драстично опадна, а брендот се најде во тешка позиција за да се прилагоди на еволуирачкиот пејзаж на модата и инклузивноста.






Од тогаш, нови конкуренти како Savage X Fenty на Ријана добија значителен пазарен удел со промовирање на пораката за инклузивност и понудата на дизајни што привлекуваат поширока публика. Victoria’s Secret работи на промената на својот имиџ, а модната ревија за 2024 година беше клучен момент во тој процес.

Извршните директори на брендот, вклучувајќи ја и креативната директорка Џејни Шафер, признаа дека ревијата беше реакција на негативните наслови во последниве години. Сепак, таа беше и можност да се слават основните вредности на Victoria’s Secret, додека еволуира со времето. Како што истакна Шафер, враќањето на ревијата беше одговор на барањата на клиентите, но исто така призна дека брендот треба да го балансира својот гламур со современата инклузивност.

Иднината на Victoria’s Secret: Ќе се возвиши ли повторно?

Иднината на брендот останува неизвесна, додека тој продолжува да се движи во пазарот што повеќе не се заснова на еднострано сфаќање на убавината. Социјалните мрежи и променетите очекувања на потрошувачите значително го сменија модниот пејзаж. Додека модната ревија за 2024 година погоди многу вистински ноти, Victoria’s Secret се соочува со предизвикот да ја одржи својата релевантност на се повеќе фрагментираниот пазар.







Модната ревија на Victoria’s Secret за 2024 година беше ноќ на носталгија и иновации, спојувајќи ги иконските елементи на брендот со визија за иднината. Дали оваа преродба ќе доведе до целосно враќање на гигантот во светот на долната облека останува да се види. Едно е сигурно, а тоа е дека синоќешната ревија беше ветувачки чекор напред, сигнализирајќи дека Victoria’s Secret е подготвена да еволуира и да работи на својата иднина.

Доколку пропуштивте да ја погледнете вчерашната VS модна ревија, тука ви оставам линк до live stream-от кој одеше на нивниот официјален Јутуб канал:






Искрено ваша,

Лори 💫
Read more
on October 16, 2024 0
Share this!
labels
Fashion
Newer Posts Newer Posts
Older Posts Older Posts

August 28, 2024

„Ова завршува со нас“: Филмот што ќе те натера да размислиш за сопствените избори

Кога седнав да го гледам “Ова завршува со нас„ признавам дека не знаев многу за приказната.

Ја немам прочитано книгата на Колин Хувер, па моите очекувања за филмов беа базирани врз база на трејлерите и муабетите што ги имав слушнато од мои блиски кои отидоа на премиерата на филмот и веќе ја имаа прочитано книгата.






Искрено, тоа што го искусив беше многу повеќе од само една обична филмска проекција. За мене овој филм претставуваше едно емоционално патување кое ме натера длабоко да размислувам за животот, изборите кои ги правам и колку храброст е потребна за да се стави крај на нешто што не те прави среќен и во крајна инстанца ти штети.

Филмот ја следи приказната на Лили Блум, жена која на прв поглед изгледа како да го има совршениот живот - поседува успешен бизнис, има најдобра другарка која и помага во водењето на нејзиниот бизнис и е во врска со харизматичен и успешен неврохирург по име Рајл Кинкејд. Но, како што приказната се развива, така започнува да се одмотува нејзината сложена и многу често болна реалност.

Според мене глумата на Блејк Лајвли е одлична. Иако не сум ја прочитала книгата, сметам дека успеа одлично да ни долови каков лик е Лили Блосам Блум - нејзините радости, сомнежи, и внатрешни борби.






Рајл, пак, е лик кој остава силен впечаток - комплексен, шармантен, но и полн со контрадикции. Гледајќи го Џастин Балдони во таа улога, моите чувства за него постојано се менуваа - од восхит до длабока загриженост и гнев.

Атлас Кориган (толкуван од Брандон Скленар), ликот кој го претставува минатото на Лили и е воедно почеток и крај на еден љубовен триаголник, во филмот е прикажан на толку суптилен начин што неговата појава носеше со себе чувство на надеж и разбирање.

Врската меѓу овие тројца ликови ја создава основата на една приказна која не може да ве остави рамнодушни.

Целата приказна беше толку реална што во еден момент се почувствував како некој што набљудува туѓ живот одблизу, како да сум некоја мува застаната на ѕидот, а не само еден обичен гледач на филм.

Џастин Балдони, кој воедно фигурира и како режисер на овој филм направил извонредна работа со визуелниот аспект на филмот. Начинот на кој беа доловени емоциите на Лили преку крупните кадри и внимателно одбраните сцени беше одличен. Секој момент беше испланиран за да не внесе подлабоко во нејзиниот свет, да ја почувствуваме нејзиниот болка, радост и предизвиците што ги носи љубовта. Од мрачните, тесни простори кои ги рефлектираа емоционалните состојби на ликовите, до светлите и отворени сцени кои носеа чувство на ослободување и нов почеток... Се, буквално се изгледаше кинематски вкусно.

“Ова завршува со нас„ е филм кој ми го привлече вниманието од самиот почеток, ме грабна и не ме ослободи се до самиот крај.

Ова не е уште една типична љубовна приказна како што ПР кампањата пред премиерата на овој филм не наведуваше сите ние да веруваме. Филмот е олицетворение на реалноста која многу луѓе ја живеат, но ретко ја споделуваат. Силата на филмот лежи во неговата искреност и способност да ги прикаже човечките слабости, но и силни страни.

Без да ја имам позадината од книгата, можам да кажам дека “Ова завршува со нас„ ми даде една комплетна приказна, полна со емоции и важни пораки.






На крајот, сфатив дека понекогаш, завршувањето на нешто што мислиме дека е „совршено“ е единствениот начин да се ослободиме и да започнеме ново поглавје во животот.

Ако барате филм кој ќе ве натера да размислувате за љубовта, за себе, и за храброста да донесувате тешки одлуки, тогаш “Ова завршува со нас„ е токму за вас. Овој филм е трогателен, реален, филм кој наѕира во животот на неколку ликови кои страдаат и носат со себе длабоки последици од домашно насилство и едноставно е неизбежен за секој што сака да ја види вистинската комплексност на човечките односи.

Доколку сеуште не сте го погледнале истиот, тука ви оставам директен линк до сите проекции кои ги има во 👉 Синеплекс каде може да одите и да го погледнете.





Read more
on August 28, 2024 0
Share this!
labels
Films
Newer Posts Newer Posts
Older Posts Older Posts

May 03, 2024

The Idea of You: „Луѓето мразат среќни жени“...

Е реченицата што ме натера да се подзамислам само што ја чув како беше изустена од една од споредните улоги во ново-излезениот Амазон Прајм филм - „The Idea of You“.

Крајно уморна, спружена на двосед, скролав по мојот смартфон во потрага по некој добар филм. Инстаграм алгоритмот точно знае што прави и успешно ми ја сервираше на тацна оваа нова романтична комедија.

Па, драги мои, спремете се за спојлери како што читате понатаму 😊



„The Idea of You“ или во превод на нашки: „Претставата (сликата или мислењето) за тебе“, е филм во кој главните улоги им припаѓаат на оскаровката Ен Хатавеј и актерот кој се прослави со неговата улога во серијата „Мери и Џорџ“ - Николас Галицин.

Таа глуми 40-годишна разведена мајка, сопственик на уметничка галерија, а тој е 24-годишен сингл поп пејач кој е дел од музички бој бенд - August Moon, бенд кој е ултра популарен меѓу младата популација.

По сплет на околности Солен (Ен Хатавеј) наместо да оди на соло кампување, принудена е да го замени својот поранешен сопруг на кој во заден момент му излегува работна обврска и не може да ја однесе својата ќерка и нејзиното друштво на добро познатиот музички фестивал Coachella како што ветил, па Солен се согласува таа да ја преземе оваа обврска и да ја дружи својата ќерка и нејзиното друштво на фестивалот.

Таму случајно налетува на Хејс (Николас Галицин) пред да има настап со својот бенд на фестивалот и од старт се чувствува хемијата меѓу нив и знаеш дека филмов после тој момент ќе те грабне и добро ќе те вози до самиот крај.



Long story short, очигледно е дека двајцата се вљубуваат еден во друг и започнуваат летна романса и многу јасно дека филмот има хепи енд.



Морам да му оддадам признание на овој филм бидејќи одлично се справува со приказот на јазот во возраста меѓу овие два лика и на многу вкусен начин ни претставува една слика за пар каде жената е сениорот во врската и тоа е сосема ОК.

Постојат многу парови во светот кои се во слична ситуација или пак жени во нивните рани или доцни 40-ти, прашувајќи се: „Што потоа?“. Што после стапувањето во брак и основањето на фамилија? Што после разводот?

„The Idea of You“ ни покажува дека жените во нивните позрели години се уште можат и сакаат да се забавуваат, да искусат нови нешта и да се заљубат во кого сакаат и за тоа не треба никому да му се правдаат.



„Што ќе речат луѓето?“ - е главното прашање кое неколку пати се провлекува низ целата приказна и кое често пати Солен си го поставува себе си.

Живееме во 21-ви век, а никогаш повеќе не сме се замарале волку за тоа што околината ќе каже за нас. Благодарение на социјалните мрежи, животот на секој од нас е ставен цело време под лупа каде секојдневно бесплатно им сервираме материјал на озборувачите.

Предизвикот е да успееш да се избориш со притисокот кој ти го наметнува околината и нивните мислења и да си тераш онака како што тебе ти е ќеиф.

Ликот на Солен неколку пати пробува да се справи со константниот притисок, озборувања, чудните погледи од луѓето, социјалните мрежи, папараците и таблоидите, но за жал безуспешно. Луѓето не сакаат да гледаат среќни луѓе, посебно кога самите тие се длабоко во себе несреќни и незадоволни со своите животи.



Врските каде разликата во возраста е поголема, особено оние каде жената е постара, се нешто што се уште се бориме да го разбереме како општество. И покрај нагорниот тренд на познати жени кои излегуваат со помлади мажи, тие се уште се фетишизирани како нешто што е надвор од нормата.

Наместо да гледаме двајца заљубени луѓе, ние претпоставуваме дека мора да има нешто што не е баш во ред со еден од нив или пак со двајцата. Тоа е всушност поприлично депресивно и поразително.

Последиците од врска со помлад маж и се премногу јасни на Солен, која на крајот се чувствува изолирана и засрамена, додека Хејс успева да се извлече неповреден, целосно спасувајќи си ја својата репутација.

Она што филмот добро го прикажува на својата публика е причината зошто овие два лика со 16-годишен јаз во возраста, „паѓаат еден на друг“. Едниот од нив бара стабилност по долгогодишното искористување од музичката индустрија, а другата страна копнее по безгрижните искуства што ги пропуштила како млада мајка во нејзините 20-ти години.

Вистината е следнава: се уште не можеме да се справиме со тоа да гледаме „постари“ жени (па дури и само 40-годишни) како сексуални суштества со свои желби, освен ако тоа не е во контекст на брак или долготрајна врска со човек од „соодветна“ возраст.

Кога жената не се вклопува во калапот на општеството таа е често етикетирана како трагична, во заблуда, очајна и тажна.

Се уште е многу полесно да се извлечат старите сексистички стереотипи отколку да се прифати дека жените со седа коса и багаж можеби вредат нешто.





Имате топла препорака да го погледнете овој филм 🌟 4.5/5 



Read more
on May 03, 2024 0
Share this!
labels
Films
Newer Posts Newer Posts
Older Posts Older Posts

April 15, 2024

Од Маракеш до Македонија: Модно дефиле на Блерта Османи на Скопскиот Моден Фестивал


Драги мои читатели, чест и задоволство ми е да ви ја претставам Блерта Османи, моден дизајнер чија последна колекција ја освои публиката на Скопскиот моден фестивал кој се одржа од 3-6 Април. Позната по своите иновативни и културно инспирирани дизајни, Блерта Османи ги поместува границите на модата, комбинирајќи го традиционалното со современото.






На мое големо задоволство Блерта љубезно го прифати мојот предлог да направиме едно интервју по повод нејзината деби модна ревија која се случи на 5-ти април на Скопскиот моден фестивал во Дајмонд трговскиот центар.


_______________________________________________________________



Здраво Блерта, за почеток можеш ли да ја опишеш инспирацијата зад твојата колекција претставена на Скопскиот моден фестивал?


Инспирацијата позади оваа колекција беа ријадите на Маракеш. Целата колекција е еден длабок homage на културната таписерија и архитектонските чуда на Мароко. Ријадите на Маракеш, со нивните сложени плочки, бујни градини и спокојни дворови, ми беа богат извор на инспирација. Секое парче од колекцијата ја отелотворува суштината на Маракеш. Од живописните нијанси на раздвижените пазари до мирната оаза на ријадите. Целта ми беше да влеам чувство на талкање и егзотика во дизајните, користејќи луксузни ткаенини, сложени везови и смели модели кои потсетуваат на мароканската изработка. Крајниот резултат беше создавање на колекција која ja слави убавината и привлечноста на Маракеш и ќе ве одведе на едно сарторско патување низ неговите волшебни улици и скриени богатства.



photo by Alem Redzepagic


photo by Alem Redzepagic


photo by Alem Redzepagic




Кој беше најпредизвикувачкиот момент при подготовката за дебитантската ревија?


Најпредизвикувачкиот момент беше правење баланс меѓу креативната визија и практичното извршување. Со огромен број задачи за координација, од набавка на материјали и координирање на фитинзи до финализирање на стајлингот и кореографијата, притисокот беше огромен. Неочекуваните неуспеси и промените во последен момент ја тестираа нашата способност да се приспособиме и да ги решаваме проблемите во лет. Токму преку овие предизвици најсилно блеснаа издржливоста и посветеноста на мојот тим. И покрај пречките, сепак успеавме во нашата намера да испорачаме едно беспрекорно деби шоу.



Дали би можела накратко да ни го опишеш процесот на избор на материјали и бои за оваа колекција? Што те инспирираше?


При изборот на материјали и бои за колекцијата бев инспирирана од живописните бои и сложените мотиви на традиционалната мароканска архитектура и дизајн. Ова вклучуваше истражување на геометриските форми, смелите нијанси и богатите текстури кои преовладуваат на ријадите во Маракеш, со цел нивно инкорпорирање во изборот на ткаенина и палети на бои за да се долови суштината на оваа културна естетика. Исто така, при креирањето на оваа колекција инспирација ми даваше и раздвижената атмосфера на пазарите во Маракеш, бујните градини на неговите палати и спокојната убавина на пустинските пејзажи.



photo by Alem Redzepagic


photo by Alem Redzepagic


photo by Alem Redzepagic




Каква улога имаше твојот личен стил во создавањето на оваа колекција?


Во создавањето на колекцијата „Marrakesh riads“, мојот личен стил одигра клучна улога. Тргнувајќи од мојата љубов кон живописните бои, сложените дезени и културните инспирации, се обидов да го наполнам секое парче со елементи кои резонираат со моите сопствени естетски преференции. Од изборот на материјали до изборот на бои и детали, имав за цел да ја надополнам колекцијата со чувство на автентичност и креативност што ги рефлектира моите дизајнерски сензибилитети. На крајот на краиштата, колекцијата е манифестација на мојата индивидуална перспектива и уметничка визија, истовремено оддавајќи почит на волшебната привлечност на ријадите на Маракеш.



Можеш ли да издвоиш еден момент во текот на шоуто што беше значаен за тебе кој ќе го паметиш засекогаш?


Моментот додека последната манекенка чекореше по пистата, украсена во наметка од колекцијата „Marrakesh riads“ која го одзема здивот, публиката започнува да аплаудира, исполнувајќи ја просторијата со громогласен татнеж. Во тој момент почувствував огромно чувство на благодарност и исполнетост, знаејќи дека целата напорна работа, креативност и посветеност кулминираа во овој, еден незаборавен момент. Ова беше награда за мојата страст за дизајнирање и е нешто што ќе го паметам засекогаш.



Како фидбекот од Скопскиот моден фестивал влијаеше на твојата перспектива за твојата работа и идните колекции кои ќе ги креираш понатаму?


Позитивниот фидбек од Скопскиот моден фестивал ме исполнува со чувство на радост и благодарност, знаејќи дека моите креации и визија допреа до публиката. Тоа ми дава енергија да продолжам да ја следам мојата страст за дизајн со обновен ентузијазам и посветеност. Со секој комплимент и збор на охрабрување, се чувствувам инспирирана да ги поместувам моите креативни граници уште подалеку, уверена во мојата способност да изработувам колекции што инспирираат и воодушевуваат.



photo by Alem Redzepagic


photo by Alem Redzepagic


photo by Alem Redzepagic




Каков совет би им дала на дизајнерите кои сакаат да креираат свое деби шоу?


За амбициозните дизајнери кои би сакале да креираат своето деби шоу, мојот совет би бил да останат доследни на својата визија, да го слушаат својот внатрешен глас, да веруваат во својата креативност и да не се плашат да ризикуваат или да размислуваат надвор од рамката. Посветување внимание на деталите е клучно, затоа погрижете се секој аспект од вашата колекција, од материјалите до презентацијата, да ја одразуваат вашата естетика и да раскажуваат кохезивна приказна. Соработувајте со јак тим од професионалци кои ја споделуваат вашата страст и можат да ви помогнат да ја оживеете вашата визија. За крај, прифатете секаков фидбек, било позитивен или негативен, бидејќи тоа е она што ќе ви помогне да растете и да се развивате како дизајнер. Уживајте во процесот на креирање и не заборавајте да ги прославите вашите достигнувања.



Кои теми или концепти имаш желба да ги обработуваш во твоите идни дизајни?


Предвидувањето теми за идните колекции е деликатен процес. Сепак, потенцијалните идни теми би можеле да вклучуваат истражување на емоции и психологија, реинтерпретација на историски епохи, спојување на уметнички движења во модата, славење на индивидуализмот и различноста. Овие теми одразуваат пошироки културни и уметнички влијанија на кои дизајнерите често се потпираат за инспирација.



photo by Alem Redzepagic


photo by Alem Redzepagic


photo by Alem Redzepagic




За крај, која сметаш дека е најважната лекција што ја научи на Скопскиот моден фестивал, а ќе ја пренесеш на твојот следен проект?


Најважната лекција што ја научив е колку е важно да бидат вклучени различноста и инклузивноста во процесот на дизајнирање. Сведочењето на мноштвото култури, перспективи и стилови претставени на пистата ја зајакна идејата дека модата е универзален јазик што ги надминува границите и бариерите. Ќе ја носам оваа лекција со себе, стремејќи се да создадам колекции кои ја слават различноста, ги засилуваат недоволно застапените гласови и промовираат инклузивност. Со прифаќање на различноста во сите нејзини форми, верувам дека мојот следен проект ќе биде збогатен со автентичност, креативност и ќе резонира со пошироката публика.


_______________________________________________________________








_______________________________________________________________










Read more
on April 15, 2024 0
Share this!
labels
Fashion
Newer Posts Newer Posts
Older Posts Older Posts
Home
Subscribe to: Posts (Atom)

Welcome

Hello, I am Lori. This is where my thoughts come to breathe. A space for the unfiltered, the curious, the tender and bold. I write what stirs my soul — stories that move me, questions that haunt me, and moments that feel too big to keep quiet. It’s raw, it’s real, and it’s mine. If you’ve landed here, maybe something brought you for a reason. Stay a while, you’re warmly welcome.

Popular post

  • Вида Верде: Веганскиот мини маркет во Скопје што го чекавме! 🌱✨
    Дали некогаш сте посакале место каде што можете да пазарите без да ги вртите пакувањата на сите производи во потрага по несакани состојки? Д...
  • Оскари 2025: Најдобро облечените ѕвезди на црвениот тепих
    Ако има една вечер во годината кога модата зборува погласно од зборовите, тоа дефинитивно е ноќта на Оскарите . Вчерашниот црвен тепих беше ...

Archive

Search

Popular posts

  • Вида Верде: Веганскиот мини маркет во Скопје што го чекавме! 🌱✨
    Дали некогаш сте посакале место каде што можете да пазарите без да ги вртите пакувањата на сите производи во потрага по несакани состојки? Д...
  • Оскари 2025: Најдобро облечените ѕвезди на црвениот тепих
    Ако има една вечер во годината кога модата зборува погласно од зборовите, тоа дефинитивно е ноќта на Оскарите . Вчерашниот црвен тепих беше ...
  • Remote Work Life: Benefits, Challenges & Balance
    When I first started working from home just a few months ago, it felt like stepping into a long-awaited dream: a warm cup of coffee, pajamas...

Tags

adaptability in marketing Album review Beauty Beauty review Books Carrie Bradshaw Celebrity shows Christmas Cinderella remake content marketing Coworking space Cushion foundation review digital marketing journey Digital nomad Disney movies Documentary Drugstore makeup Emotional support Entertainment Fairytales vs reality Fashion Films Food General good digital marketer Independence L’Oréal Nude Magique Cushion Foundation Life lessons Lifestyle blog Lifestyle series critique Lightweight foundation Love and relationships Makeup Marketing marketing skills Meghan Markle Netflix series Meghan Markle review Modern fairytales Modern partnership Motivation Movies Music Music review Natural finish foundation Netflix lifestyle show Netflix review News Personal Podcasts Pop culture Productivity Relationships Remote work Reviews Self-acceptance Self-empowerment SEO blogging Showgirl era Small Business social media marketing Summer foundation Taylor Swift Taylor Swift 2025 Taylor Swift album review Technology The Life of a Showgirl Track by track review Travel TV Series With Love Meghan review Women empowerment Women in design Work-life balance Working from home

ARCHIVE

Powered by Blogger.
Ⓒ 2025 The Lori Diaries. Design created with by: Brand&Blogger. All rights reserved.