The Lori Diaries

...by the girl who's creating her own future.

Колкава е веројатноста да ви се случи љубов на прв поглед?

 

На сите ни се случило, нели?

Вие сте на аеродром, гледате некој на ваша возраст и си помислувате дека тој или таа можеби се вашата сродна душа. Уште само универзумот да реши да игра на ваша страна и да ги принуди вашите седишта да бидат едно до друго и веќе имаме почеток на една интересна приказна.





Љубовта на прв поглед за повеќето е минлива фантазија.

Но, спротивното важи за ликовите на Хејли Лу Ричардсон и Бен Харди во „Љубов на прв поглед“.

Филмот, кој излезе на Нетфликс во месец септември, ги прикажува Хедли и Оливер, две слатки, тажни души кои се заљубуваат за време на еден трансатлантски лет.

Уште на самиот почеток нараторот го пушта во етер да лебди фактот дека 20ти Декември е најлошиот ден за летање низ меѓународниот аеродром Џон Ф. Кенеди во Њујорк поради голем број факти и бројки поврзани со празниците.

Па, во сред целата таа аеродромска гужва, после низа сплет на околности и статистики, нашата хероина Хедли 'решава' да задоцни само 4 минути и да го пропушти својот лет за Лондон и да налета на љубовта на својот живот.





Што би рекле англичаниве: 'What are the chances?'

Или во превод - која е веројатноста ова да му се случи на било кој од нас?

Верувале или не драги мои 60% од луѓето наводно доживуваат љубов на прв поглед.

Филмот прави неколку отстапувања од книгата, раскажан од гледната точка на Хедли и на Оливер, фрлајќи акцент особено на кревката приказна на Оливер. Наместо Оливер да се врати дома на погребот на својот татко, неговиот аџилак го носи на „живиот погреб“ на неговата мајка која умира.

Прекрасната актерка Џамила Џамил во овој филм игра лик наречен Нараторот, која ја игра клучната улога на судбината и неуморно се труди да ги спои овие ликови, повторно и повторно како стјуардеса за време на летот, царински агент, шанкер на свадбената свеченост, случаен минувач итн.





Па драги мои... верувате ли вие во љубов на прв поглед?

Дали лично сте ја почувствувале?





Јас лично не сум доживеала до сега љубов на прв поглед. Сум доживеала нешто налик на љубов, но по долга анализа и рефлектирање со самата себе сфатив дека за жал никогаш не сум ја имала честа истата да ја почувствувам на своја кожа.

Сепак, верувам во поврзаност на прв поглед. Инстантната поврзаност е многу реална работа.

Љубовта ја доживувам како некој вид патување, комплетно соголување, тргање на маските и живеење низ животот со некого на кој можеш да се потпреш. Мислам дека не можете да го добиете сето ова на 'прв поглед'.

И покрај сите продукциски недостатоци, овој филм цели кон делот од човечкиот мозок кој копнее за романса и добра симпатична приказна.

Неколку пати ме расплака, ме израдува и ме разнежни. Ми ја стопли душата и ми побуди некое чудно, но убаво чувство кое не можам да ви го опишам.

За крај, имате топла препорака да го погледнете овој филм доколку сеуште не сте го направиле тоа.



Одберете некој тивок, мирен, дождлив ден, завиткајте се во ќебенце, чајче во скут и уживајте.






0 Comments

Contact Form (Do not remove it)

back to top