Во првиот филм кој се појави на Нетфликс стриминг платформата во 2019 се запознаваме со комичниот пар, полицаецот од Њујорк Ник и неговата сопруга Одри, или попознати како Спицеви, кои решаваат мистериозно убиство (по јасен не можел да биде насловот на филмот!) во стилот на Агата Кристи додека се на долго очекуваниот меден месец. Филмот беше вистинско уживање за гледање, во голема мера благодарение на хемијата меѓу двајцата главни актери и долгогодишни пријатели - Адам Сендлер и Џенифер Анистон.

И покрај тоа што првиот дел беше мега успешен проект на Сендлер, сепак тој како да решил да го надмине својот прв филм не со повеќе хумор, туку со еден куп акциони сцени. Никој не очекува да ги види овие двајца актери да се борат со негативци во комбе што опасно брзо вози низ париските улици, а пак најмалку очекував да ги видам како едниот од нив буквално виси од Ајфеловата кула.
Секако, јасно ми стана дека хуморот ќе мора да трпи кога има волку многу акција скоцкана во 90 минути.
Мистериозно убиство 2 започнува со потсетник за тоа што сме гледале во првиот дел, а потоа ни дава мал апдејт за тоа што се им се случувало на Спицеви од кога се вратиле од нивниот меден месец.
Спицеви даваат отказ од своите работни места и решаваат да отворат своја приватна детективска агенција, која не им носи нешто многу пари. Не долго потоа, тие се поканети на свадбата на Махараџата, нивниот богат пријател од претходниот филм, и ќе отпатуваат на неговиот приватен тропски остров.
Махараџата им ја претставува својата прекрасна француска свршеница, Клодет, која можеби ќе ви изгледа познато, бидејќи оваа актерка ја глуми сопругата на Антоан, бизнис партнерот на Габриел во добро познатата серија - Емили во Париз.
Меѓу другите гости се и нејзината најдобра пријателка, грофицата Секу, која претходно била свршена за Махараџата, помошнчката на грофицата Имани, сестрата на Махараџата, Саира, Ренди Франциско, пензиониран познат фудбалер кој се пушта на секоја жена што се движи и намибискиот полковник Уленга, кој освен што претходно изгубил рака и око, го изгубил и остатокот од раката уште од првиот филм.

Непотребно е да се каже дека скоро сите од нив завршуваат како осомничени кога Махараџата ќе биде киднапиран, со барање за откуп од 50 милиони долари. Тука на помош доаѓаат агенти на МИ6, со нивниот лидер по име Милер, кој како што Одри и Ник објаснуваат го напишал детективскиот водич што тие го проучувале при лансирање на нивната агенција.
На крајот, сите патишта водат до Париз. Таму Спицеви повторно се сретнуваат со инспекторот Делакроа, чија главна занимација му е да дува совршени прстени од чад додека пуши цигари, и чека Одри и Ник да му го решат случајот... повторно.

Па да не откривам повеќе спојлери, ќе ве оставам вие сами да дознаете што се ги чека Одри и Ник во Градот на Светлината.
За крај, сметам дека вториот дел од сега веќе франшизата Мистериозно убиство, ќе биде уште еден хит на Нетфликс. Само се надевам дека во следниот дел ќе се фокусираат помалку на продукциските вредности, а повеќе на самата приказна и хуморот.
Доколку сеуште не сте ги погледнале двата дела од Murder Mystery, топло ви препорачувам тоа да го направите овој викенд и да уживате во доза добар амерички хумор и солидна доза на акција.
Како што многумина од вас знаат, вчера во текот на денот на стриминг платформата Нетфликс излезе новата трета сезона на мега популарната серија Емили во Париз, па секако можете да претпоставите колку брзо го уклучив телевизорот само штом влегов дома низ вратата 😂.

Иако имав планови за вчера вечерта, сепак успеав некако да ја проголтам цела сезона од Емили, благодарение на краткотрајноста на секоја епизода, па решив дури сум сеуште под импресии и впечатоците ми се свежи да споделам како јас ја доживеав оваа нова сезона.
Конечно Емили не е центар на универзумот, како што неретко знаеше да биде во претходните две сезони.
За прв пат споредните ликови во серијата како што се Силви, Лук и Жулиен дојдоа до израз и добија шанса да ја споделат својата приказна во оваа нова сезона.

Силви останува да биде онаа опасна шефица и да доминира во се како што само таа умее, справувајќи се со отварањето на својот нов бизнис и сите голготи кои мора да ги претрпи за да се издигне како Феникс од пепелта.
Лук останува да биде лојалниот пријател кој секогаш е тука за сите, кој премногу споделува детали и на кој јазикот му е секогаш побрз од мозокот и кој со својот умерен пристап се труди да ја олабави секоја тензична ситуација која ќе настане, а верувајте ми во оваа сезона такви ги имаше премногу.
Жулиен некако во оваа сезона како да се губи во просторот од кога се распадна Савоар. Тој пробува да си го пронајде своето место под сонцето во ново формираната агенција на Силви под името Агенција Грато, но наидува на премногу пречки со кои тешко се справува и бара излез. Дали да се остане или да се замине?

Да се навратиме малку на Емили сега, бидејќи сепак серијава расправа за нејзиниот живот нели?
Добра вест е што францускиот кој Емили се труди да го зборува во оваа сезона е значително подобрен и веќе наликува на нешто.
Прашањето кое се провлекува низ оваа сезона е: што сака Емили?
Сега кога веќе зборува попристоен француски, таа сака да остане во Париз, наместо да се врати назад во Чикаго со Мадлин како што беше начално планирано.
Таа се соочува со дилемата дали да остане верниот војник на својата менторка или да ризикува се, да ги спакува куферите и да замине да работи за Силви во Агенцијата Грато и да остане да живее во Париз.
Приватниот живот на Емили исто така продолжува да се развива. Таа има момче по име Алфи, кој го запознавме во втората сезона. Тој е Англичанец и мене ми е толку шармантен со тоа неговото довикување Купер, секој пат кога ќе и се обраќа на Емили.
Но, на мое незадоволство секако, таа долготрајна хемија помеѓу Емили и шеф Габриел продолжува да тлее и да ми го расипува мојот филм.
Иако Габриел и Камил се обидуваат да пребродат се што се случи во втората сезона и да се стабилизираат, сепак се испрепречуваат нови предизвици и пред двајцата, кои ќе ја стават повторно на тест нивната врска.
За среќа, Емили овој пат се труди да им биде права пријателка и на двајцата и мислам дека сериозно успева во тоа.
Секако, бидете предупредени дека ќе има доста моменти од типот дали да се избере Алфи или Габриел, како што имавме во втората сезона, но ќе ве оставам сами да ги погледнете, без да ви издавам било што предвреме.

Одма да си кажам дека јас навивам за Алфи!
Дечкото е прекрасен и е прикажан во серијата како идеалниот партнер за секоја девојка, а Габриел... еехх тој е сосема друга приказна.

Искрено, толку многу го засакав во првата сезона, но после само неколку епизоди неговиот лик ми одмили.
Можеби му пресудив пребрзо поради некои мои лични искуства што сум ги имала во минатото со ликови налик на неговиот, но без разлика, останувам до сам крај на мојот став дека тоа не е личноста со која Емили би имала било каква долготрајна иднина.
Но, тоа е само мое лично мислење. Секако, ве оставам вас мои читатели да ја погледнете серијата и да си оформите ваше мислење.
Во однос на модата во оваа сезона... тие грозни топучести обувки кои се носат... аххх не можев да ги смислам!

Сите оутфит-и на ликовите беа прекрасни и преувеличени како и секогаш, но тој тренд на обувки кој е прикажан низ целата сезона можам да го доловам само вака ---> 😒
Хуморот низ целата сезона е дигнат на многу повисоко ниво, каде што буквално се најдов себе си како урлам од смеење на забавните реплики на ликовите.
Се на се, доста солидна сезона која не ми беше воопшто досадна и која ми приреди доста турбуленции се до самиот крај.


